Крај на сезоната за Новак Ѓоковиќ?!

Новак Ѓоковиќ најверојатно ќе ги пропушти сите турнири до крајот на оваа календарска година, откако Србинот реши да земе одмор за да ги наполни батериите пред наредните предизвици во кариерата.

Тој настапи на егзибицискиот турнир во Ријад каде последниот меч го одигра против Рафаел Надал, по тој дуел најави дека наскоро ќе донесе одлука за идните ангажмани, а вечерва пристигнува информацијата дека Новак го откажал учеството на Матерс-турнирот во Париз.

Ѓоковиќ од претходно најави дека нема да иде дел ниту од АТП-турнирот во Белград, а како што стојат работите тој нема да учествува ниту на завршниот турнир во Торино закажан за следниот месец. Србинот според пласманот би требало да се најде меѓу најдобрите осум тенисери во 2024, но Ѓоковиќ отсекогаш потенцирал дека сака да игра само на турнири на кои може да се бори за трофејот, а со оглед на моментната форма смета дека подобро ќе биде овојпат да не настапи во Торино.

Неговото неиграње најверојатно ќе донесе и нов пад на АТП-листата, ако се знае дека Ѓоковиќ е актуелен бранител на трофејот на завршниот турнир.

Се вчитува...