Голманската криза во Германија нема да ја решава искусниот Мануел Нојер (40). Долгогодишниот чувар на мрежата на германската репрезентација ја отфрли секоја можност да се врати во селекцијата и да брани на Светското првенство годинава во САД, Канада и Мексико.
Повредата на Марк-Андре Тер Штеген, слабата форма на Оливер Бауман и Александар Нибел ги подгреаја надежите дека можеби Нојер ќе биде голманот на репрезетнацијата за Мундијалот. Многумина експерти сметаа дека селекторот Јулијан Нагелсман треба да го убедува Нојер да се врати во селекцијата и да брани на Мундијалот, но самиот голман не е заинтересиран за „кам-бек“.
Во изјава за БИЛД тој ја отфрли оваа можност, и кажа дека неговата одлука да се повлече од репрезентацијата е конечна и непроменлива.
„Ми годат изјавите од фудбалски величини дека јас сум идеален голман за репрезентацијата. Но, веќе реков дека мојата одлука е конечна. Се повлеков свесно со намера да се посветам на клупските обврски, и останувам на тој став“, рече Нојер.
Сега целиот товар ќе падне, се чини, на 35-годишниот Бауман. Германија се соочува со голманска криза првпат после долги години, откако Нојер беше неприкосновен број 1 во националниот тим. Претходно голмани беа Јенс Леман и Оливер Кан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

