Младата репрезентација на Македонија за фудбалери до 19 години со поразот од Унгарија (3-4), по оној претходен од Летонија (1-2), го заврши својот сон за пласман на Европско првенство.
Несомнен е квалитетот на составот на Вујадин Станојковиќ со една од најдобрите наши генерации водена од Елмас, Чурлинов, Митровски, Трапановски, Атанасов, Фазлагиќ… Сето тоа беше потврдено и со играта денеска против Унгарија на тренинг центарот „Петар Милошевски“, комплетно надигрувајќи ги Унгарците, но залудно кога и три гола нема да се доволни за победа.
Младите македонски момци, покрај трите погодоци, создадоа уште бројни 100% шанси, не реализираа и удар од белата точка, во два наврати ја погодија и гредата од голот на противникот, но на крајот Унгарците се тие кои ја носат победата. А, само тоа се памети.
Во секој случај, и одиграното на овој турнир досега и последниот дуел против Англија кој ги чека репрезентативците во вторник, треба само да потврдат дека македонскиот фудбал има и тоа како надеж за пласман на ЕП до 21 година и со оваа генерација која сега следи…
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА