Изминатава 2022 година ни донесе збогум на веројатно двете најголеми тениски имиња во историјата во машка и женска конкуренција, Роџер Федерер и Серена Вилијамс.
Неверојатниот Швајцарец, кој со своите игри и начин на живот заедно со неговите двајца ривали Рафаел Надал и Новак Ѓоковиќ кои му се приклучија подоцна го направи тенисот, од спорт кој беше во големи проблеми и без ѕвезди по заминувањето на Пит Сампрас и Андре Агаси, до спорт кој е меѓу најпопуларните (по фудабл и кошарка) во светот во последните две децении.
Иако последниот официјален натпревар го одигра на Вимблдон во 2020 година кога во четвртфиналето беше елиминиран од Полјакот, Хуберт Хуркач, Федерер ја остави вратата отворена за нов кам-бек. Сепак, телото не му дозволи такво нешто па „последниот танц“ легендарниот тенисер го имаше во септември годинава каде на „Лејвер купот“ каде на емотивен начин, заедно со својот голем ривал, Рафаел Надал во игра на двојки кажа збогум на спортот кој му даде се во животот. Иако на крајот нема да заврши со најголем број гранд-слем титули и ќе остане на бројката од 20, сепак доколку не беше Роџер Федерер, немаше да ги добиеме, ниту Надал, ниту Ѓоковиќ. Ја имаше таа чест да биде предводник на најсилната генерација на тенисери во историјата, која не само што ги испиша најблескавие страни на тенисот, туку и на целокупниот светски спорт. Кариерата ја заврши со 103 титули, а финалињата кои ги загуби на Вимблдон од Надал во 2008 и Ѓоковиќ 2019, веројатно се двата најдобри тениски меча на сите времиња.
Збогум од светскиот тенис кажа и најдобрата на сите времиња, Серена Вилијамс. Американката се прости од тенисот на нејзиниот омилен турнир УС опен, а кариерата ја заврши со 23. гранд-слем титули што е најмногу во опен-ерата. Остана пред неа само Маргарет Корт со еден повеќе (рекорд по број на гранд-слеми мажи плус жени), но тоа се други времиња, во кои конкуренцијата била далеку помала од сега. Серена покрај 23 гранд-слема ги освои сите останати големи турнири, а има и златен медал од Летните олимписки игри и во сингл и во дубл конкуренција, а неколку пати го освојуваше и ФЕД купот.
Роџер Федерер и Серена Вилијамс ќе останат запишано како едни од најдобрите во „белиот спорт“ и луѓе кои го доведоа тенисот до неговиот врв… „Danke Roger“ и „Thank you Serena“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

