Иднината на Ерик тен Хаг во Манчестер Јунајтед е дополнително доведена во прашање откако британските медиуми најавија дека „црвените ѓаволи“ се подготвени да му дадат нова шанса на Џејдон Санчо, враќајќи го назад на „Олд трафорд“ по истекот на неговата позајмица во Борусија Дортмунд во текот на летово.
Санчо беше принуден да си замине поради конфликтот со Тен Хаг, тренерот најпрвин жестоко го критикуваше англискиот репрезентативец за неговиот однос, а кога Санчо возврати експресно беше испратен да тренира со младинскиот тим и повеќе не настапи на ниту еден меч за Јунајтед. Ставот на Тен Хаг на оваа тема беше дециден и јасен, но новиот спортски директор Џејсон Вилкокс има сосема поинакви планови.
Вилкокс смета дека Санчо поседува сериозен фудбалски потенцијал, згора на тоа беше скапо платен и има огромна плата, така што би требало да се најде начин за да се извлече најдоброто од него во дресот на Манчестер Јунајтед. Згора на тоа, новиот спортски директор на Јунајтед своевремено соработуваше со овој фудбалер додека тој беше дел од младинската академија на Манчестер Сити. Поради ова, Вилкокс не планира лесно да се откаже од Санчо без оглед на ставот на тренерот околу иднината на фудбалерот кој ги мина последните месеци во дресот на Борусија Дортмунд.
За разлика од Санчо, одброени се деновите на Бразилецот Ентони, кој дојде на инсистирање на Тен Хаг, но важи за едно од најголемите трансфер-промашувања во историјата на Премиер-лигата.
Ова според многумина е јасен знак дека челниците на Јунајтед на чело со Сер Џим Ретклиф се подготвени за тренерска смена, а останува да се види кој ќе ја има улогата на предводник на новиот проект.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА