Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ го одигра најдобриот свој натпревар во Евролигата, партиципирајќи со 22 поени во убедливата победа на неговата Олимпија Милано против Реал Мадрид во 8. коло од најквалитетното европско клупско натпреварување.
Милано славеше убедливо со 85-76, демонстрирајќи вистинска кошаркарска лекција за „кралевите“ кои завршија „на колена“ пред македонскиот кошаркар.
Димитријевиќ одигра пред се извонредно прво полувреме во кое запиша 15 поени и дополнети со една асистенција, од кои 10 поени во втората четвртина. Токму таа партија на Нено беше пресудна за извлекување на победата на италијанскиот тим против големиот фаворит, за водство на полувремето од 47-40 (24-16, 23-24).
Во вториот дел Италијанците продолжија во ист стил, сега одржувани со поените на Зек Ледеј, па на крајот за сосема заслужена победа.
На крајот Нено Димитријевиќ заврши како убедливо најдобар на паркетот со 22 поени, една асистенција и еден скок рушејќи ги „кралевите“. Го следеше Зек Ледеј со 17 поени и осум скока. А, Хезоња беше најдобар кај Реал со 13 поени и шест скока.
Тренерот на Милано, Еторе Месина, како што пренесуваат италијанските медиуми, беше пред отказ доколку го загуби вечерашниот дуел во Евролигата, но Димитријевиќ со извонредната партија, се чини, успеа да го спаси искусниот италијански стратег.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА