Реал Мадрид се пласира во финалето на Лигата на шампионите, откако загуби само со 2-1 на гостувањето на „Висенте Калдерон“ против Атлетико Мадрид и ќе ја брани круната освоена лани во дуел против Јувентус, на 3.јуни во Кардиф. На првиот меч, „кралевите“ остварија убедлива предност од 3-0. Тоа ќе биде 15.финале за „кралскиот клуб“ во елитното европско клупско натпреварување, а ќе се обиде да стигне до 12.трофеј, и да стане прв тим што успеал да ја одбрани титулата.
Атлетико Мадрид на стартот притисна жестоко и успеа да поведе со 2-0, по само 15 минути. Саул Нигез во 12.минута го отвори резултатот во 12.минута со одличен удар со глава, а три минути подоцна беше досуден пенал за домаќинот, по стартот на Варан над Фернандо Торес. Ударот од белата точка го реализираше Антоан Гризман, за да се распали до максимум атмосферата на стадионот.
Но, Реал Мадрид на претходните 60 натпревари во ЛШ постигна барем еден гол, па Иско не можеше да дозволи традицијата да биде прекината.
Карим Бензема нанижа тројца противнички фудбалери пред гол – линијата на левата страна, го проигра Крос, кој шутираше, Облак ја одби топката, а Иско се најде на вистинското место и ја затресе мрежата. „Кралевите“ го постигнаа посакуваниот погодок во 42.минута, за пласман во ново големо финале.
Во второто полувреме, Атлетико Мадрид немаше сили за чудо, а Реал Мадрид беше задоволен од епилогот, иако тоа е прв пораз за „кралскиот клуб“ оваа сезона во ЛШ.
Atletico Madrid vs Real Madrid 2-1 All Goals… by YNWAHD
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА