Реал Мадрид уште повеќе заостанува зад водечките во Евролигата откако „кралевите“ вечерва претрпеа пораз на гостувањето против Валенсија (96-88). Иако домаќините веќе ги имаа загубено шансите за Топ 8 фазата, тие сепак целосно го надиграа големиот ривал, го контролираа резултатот цел натпревар и заслужено се радуваа на победата. Најзаслужни за неа беа Дубљевиќ со 17 и Плајс со 14 поени, додека Тејлор и Кампацо беа најдобри стрелци на Реал, со по 17 поени.
Европскиот првак Фенербахче ја оправда фаворитската улога против Макаби, триумфирајќи над израелскиот гигант со убедливи 87-73. Пресудна беше втората четвртина што тимот на Жељко Обрадовиќ ја доби со 29-15, создавајќи си недостижна предност во однос на фаворитот. Марко Гудуриќ со 23 поени беше предводник на Фенер, додека на спротивната страна Пјер Џексон беше прв стрелец на Макаби со 13 поени.
Жалгирис повторно врза две победи во серија, со вечерашниот триумф на домашен терен над Милано со резултат 77-65, додека Црвена звезда без Перо Антиќ во тимот очекувано загуби на гостувањето во Атина од Панатинаикос со 91-71. Синглтон беше најефикасен кај ПАО со 21 поен, а извонреден меч одигра и Калатес, реализирајќи 17 поени, 10 асистенции и шест украдени топки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА