Реал Мадрид ја стартува новата сезона со нов освоен трофеј, овојпат во рамките од Суперкупот на Европа што се одигра во Варшава во кој избраниците на Карло Анчелоти ја надиграа Аталанта и славеа со конечни 2-0. За шоуто да биде комплетно, Килијан Мбапе дебитираше со гол во дресот на Реал, почнувајќи ја успешно жетвата на трофеи по летниот трансфер од редовите на ПСЖ.
Реал тргна офанзивно, со Мбапе, Родриго, Винисиус и со Белингем во стартниот тим, но првото полувреме сепак не донесе премногу возбудувања. Аталанта за малку ќе поведеше, но несмасната интервенција на Милитао заврши само во гредата, додека на спротивната страна Родриго биеше во гредата на италијанскиот тим од одлична позиција пред самиот крај на полувремето.
Вториот дел почна со одлична шанса за Аталанта, но Куртоа со блескава интервенција го запре обидот со глава на Марио Пашалиќ. Реал потоа ја презеде контролата, поведувајќи со 1-0 преку Валверде на асистенција на Винисиус.
Аталанта се обиде да ја отвори играта, но „кралевите“ знаеја како да го искористат тоа, Мусо спречи неколку опасни удари, но голманот на Аталанта беше немоќен кога Мбапе биеше незапирливо во 68. минута, за свој прв погодок во кралскиот дрес.
Прв трофеј во новата сезона за Реал Мадрид, кој со ваков играчки кадар е сериозен кандидат за освојување на бројни пехари во наредните десетина месеци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

