Хулен Лопетеги не може да крене глава од проблеми, Реал Мадрид не само што нема победа во последните четири средби (во сите натпреварувања), туку во овие 360 минути игра „кралевите“ не постигнале ниту еден единствен гол. Оваа „црна серија“ ќе мора час поскоро да биде прекината, но тоа нема да биде нималку лесно ако се земат во предвид последните две главоболки за стручниот штаб – повредите на Карим Бензема и на Герет Бејл.
Бензема се пожали на болка уште во првото полувреме од мечот со Алавес и беше заменет на паузата, додека Бејл го повреди мускулот во 76. минута, по што му го препушти своето место на Винициус. Врз двајцата во следните 48 часа ќе бидат извршени детални прегледи, по што ќе биде и познато кога ќе можат да се вратат назад на терените.
Добра околност за Реал е што сега следи пауза за репрезентативни настапи, па „кралевите“ својот следен натпревар ќе го играат на 20 октомври, на „Сантијаго Бернабеу“ против Енис Барди и Леванте. Лопетеги ќе се крсти Бејл и Бензема да не се сериозно повредени, бидејќи нивната помош ќе му биде неопходна на големото дерби со Барселона на „Камп ноу“, закажано за 28 октомври.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА