Кремонезе му го расипа капитенското деби на Елмас

Македонскиот фудбалски репрезентативец Елјиф Елмас првпат како капитен на официјален меч го водеше својот Наполи, но доживеа пораз по изведување на пенали од Кремонезе со 5-4 во осминафиналето во Копа Италија.

Не почна се најдобро за „наполитанците“, откако гостите поведоа со 0-1 со голот на Пикел во 18. минута. Домаќините израмнија на 1-1 во 33. минута преку Жуан Жезус, додека три минути подоцна беше 2-1 со голот на Џовани Симеоне.

И се беше одлично за избраниците на Лучано Спалети се до вадењето од игра на Елјиф Елмас во 85. минута. Само две минути по напуштањето на игра на нашиот „дијамант“ гостите успеаја да израмнат на 2-2 преку Афена Гијан и натпреварот да го одведат во продолженија.

Во првото продолжение во 100. минута гостите останаа со играч помалку откако Леонардо Серникола заработи втор жолт картон. И покрај бројчаната предност Наполи не успеа да стигне до гол, па се премина на изведување пенали.

Таму Лоботка не успеа да реализира пенал за Наполитанците, а Кремонезе замина во четвртфиналето.

Се вчитува...