ЛА клиперс постигнаа договор со Хјустон за размена на својот бек Крис Пол. Американските медиуми ја пренесуваат веста дека Пол се согласил една година порано да го прекине договорот вреден 24,2 милиони долари и да им овозможи на „клиперси“ да постигнат договор со Хјустон. Во склоп на договорот, во замена за Крис Пол, од Хјустон во Лос Анџелес се селат тројца играчи – Патрик Беверли, Лу Вилијамс и Сем Декер, а „клиперси“ го добија и правото на избор на првиот пик на драфтот во 2018 година.
Според американските медиуми, доколку 32-годишниот Крис Пол го одбиел предлогот и одберел да остане во ЛА клиперс, можел да потпише нов договор со почетна цена од 34 милиони долари по година. Со оваа втора опција што ја одбра, кошаркарот ќе може да потпише петгодишен договор кој би можел да достигне и сума од 205 милиони долари.
Една од главните причини поради која Крис Пол одбра да замине од Лос Анџелес во Хјустон е неговата желба да игра заедно со Џејмс Харден.
Крис Пол шест години настапуваше за Њу Орлеанс и шест сезони потоа мина во ЛА клиперс. Во текот на кариерата има просек од 18,7 поени, 9,9 асистнеции и 2,3 украдени топки по натпревар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА