Криштопанс: Долгата клупа е адут на Пик Сегед, но ние ги имаме верните навивачи

Ракометарите на Вардар се максимално мотивирани за претстојниот двомеч со Пик Сегед, без оглед на потресот во клубот по соопштението на сопственикот Сергеј Самсоненко со најавите за негово заминување на крајот од сезонава. Десниот бек Даинис Криштопанс, кој останува еден од главните адути на тренерот Парондо, е свесен дека задачата да се совлада актуелниот првак на Унгарија нема да биде нималку лесна.

„Газдата го кажа она што имаше да го каже, но за нас ништо не се менува – ќе се бориме до самиот крај на сезоната. Пред нас е Пик Сегед, ривал што е исклучително квалитетен. Тие имаат многу повеќе врвни играчи на клупата од нас, но ние зад себе ќе ги имаме верните навивачи, ќе сториме се за повторно да им донесеме радост“ – изјави летонскиот „џин“.

Даинис Криштопанс сезонава доби значајна улога во нападот од страна на новиот тренер Роберто Гарсија Парондо, максимално возвраќајќи на укажаната доверба.

„Добивам поголема минутажа и самото тоа се одразува и на бројот на постигнати голови. Сепак, верувајте дека тоа за мене е само бројка, најважно ми е Вардар да победува, а јас помагам најмногу што можам, како во нападот така и во одбраната“ – скромно истакнува Криштопанс.

Се вчитува...