Кристал Палас е првиот финалист на ФА Купот

Кристал Палас е првиот финалист на англискиот ФА Куп откако „орлите“ од Лондон попладнево на „Вембли“ ја совладаа екипата на Астон Вила со 3-0. Вила ја имаше улогата на благ фаворит во ова прво полуфинале, но Палас одигра одличен меч, знаеше како да ги искористи своите шанси и заслужено стигна до билет за големото финале, прво по пауза од девет години.

Двете екипи играа внимателно се до водечкиот гол што го постигна Езе, откако асот на Палас маестрално биеше од дваесетина метри под гредата на Мартинез. Астон Вила се отвори, создаде неколку полушанси, но не успеа да го израмни резултатот.

Палас имаше одлична шанса да зголеми на самиот старт од второто полувреме, но Матета не успеа да го реализира пеналот што го изнуди Езе. Ова не ги обесхрабри избраниците на тренерот Гласнер кои продолжија со храбра игра и успеаја да постигнат и втор гол, овојпат преку Сар, повторно со удар надвор од шеснаесетникот за кој Мартинез немаше одговор.

Унаи Емери направи измени во составот, но Вила се мачеше да се врати во полуфиналето. Напротив, на спротивната страна Кристал Палас успеа да постигне и трет гол, втор на Сар во судиското продолжение за печат на големата победа.

Во второто полуфинале утре ќе се сретнат екипите на Манчестер Сити и Нотингем Форест.

Се вчитува...