Кристал Палас беше принуден да се врати на пазарот откако Езе беше продаден во Арсенал за 70 милиони евра, а лондонскиот премиерлигаш веднаш ангажираше замена за англискиот репрезентативец.
Станува збор за Јереми Пино, 22-годишниот крилен офанзивец кој пристигнува од редовите на Вилјареал. Тој беше еден од клучните играчи во таборот на „жолтата подморница“, но желбата за преселба во Премиер-лигата беше пресудна шпанскиот клуб да ја прифати понудата вредна 30 милиони евра.
Пино во текот на вчерашниот ден допатува во Лондон, а по успешните лекарски прегледи денеска потпиша петгодишен договор со новиот клуб.
„Многу сум среќен што дојдов во Кристал Палас. Сонував да заиграм во Премиер-лигата, доаѓам во историски клуб каков што е Палас, се надевам дека ќе му помогнам на тимот во остварување на зацртаните цели“, изјави Пино.
Тој ја мина целата досегашна кариера во Вилјареал, па иако има само 22 години Шпанецот веќе собра 170 средби за овој клуб, постигнувајќи 22 гола и 23 асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

