Данскиот Митјиланд е максимално мотивиран пред четвртфиналниот реванш со Вардар во Лигата на шампионите, што се игра денеска (17.30 ч. ) во СЦ „Јане Сандански“. Иако Митјиланд беше поразен од Вардар (26-28) на првиот меч на домашен терен, во данскиот тим веруваат дека може да им се случи чудо во Скопје и да го победат македонскиот шампион со три гола разлика.
„Вербата останува и покрај поразот. Научивме многу од првиот меч. И деновиве поминавме многу време во подготовки на терен, но и во анализа на натпреварот и теоретска подготовка за реваншот. Ќе му се спротивставиме на Вардар многу посилно. Сите ние знаеме дека ќе биде тешко, но силната верба е она што го карактеризира овој тим. Веруваме дека може да успееме и се разбира, одиме да победиме со три гола разлика“ – вели тренерот на Митјиланд, Кристијан Кристенсен пред гостувањето во Скопје.
Играта на Митјиланд во второто полувреме на првиот меч во Икаст кога успеаја да се вратат по катастрофалното прво полувреме и да ја стопат предноста на Вардар само на два гола, во данскиот тим влева самодоверба дека можат да успеат да направат сензација на „најжешкиот“ терен во Европа.
„Добро го анализиравме натпреварот и ги откривме грешките во нашата игра кои ќе се обидеме да ги исправиме на реваншот, и во нападот и во одбраната. Мора да одиграме мудро во нападот и да ги минимизираме грешките. Но, имаше и работи кои ги направивме добри и ние исто така се фокусираме и на нив. Ние треба да постигнеме повеќе голови од контранапад. Тоа е одлика на нашата игра, тука сме најсилни и со добра одбрана, може да направиме сензација во Македонија“ – истакнува Кристенсен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА