Еден месец по неговото ненадејно отпуштање од функцијата шеф на Ред Бул Рејсинг, Кристијан Хорнер официјално е отстранет од директорските позиции во неколку поврзани компании регистрирани во Велика Британија.
Хорнер беше отпуштен од функцијата шеф на тимот и извршен директор на почетокот на јули, веднаш по Британското Гран При, со што заврши неговата дведецениска ера во Милтон Кинс. Австриските сопственици презедоа поголема контрола врз работењето, а Лоран Мекиес, поранешниот шеф на Рејсинг Булс, беше назначен на негово место, со фокус исклучиво на тимот од Ф1.
Според новите податоци од Компани Хаус, Хорнер е отстранет и од директорските позиции во Ред Бул Рејсинг, Ред Бул Технолоџи, Ред Бул Погонски системи и Ред Бул Погонски системи 2026 во последните 48 часа.
Со овој потег, се сугерираше дека дури и деталите за неговото разделување со компанијата се финализирани.
За време на мандатот на Хорнер, Ред Бул освои осум титули кај возачите и шест кај конструкторите, а британскиот шеф беше запаметен и по доминантните ери на Себастијан Фетел и Макс Верстапен.
Иако минатата година беше предмет на внатрешна истрага поради наводно несоодветно однесување кон вработен, од што беше ослободен, случајот ги продлабочи тензиите со австрискиот дел од администрацијата.
И тие тензии многумина ги наведуваат како главна причина за неговото заминување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

