Кристијано Роналдо денеска поставува рекорд што уште долго ќе биде недостижен

Кристијано Роналдо е најавен како стартер на Португалија на вечерашниот дуел со Чешка, а само една секунда на теренот ќе биде доволна за оваа фудбалска суперѕвезда да испише нова страница во историјата на европските шампионати.

Имено, настап против Чешка ќе значи дека Кристијано ќе стане првиот фудбалер во историјата кој заиграл на шест европски првенства. Приказната почнува на ЕВРО 2004 каде Роналдо настапи на 19-годишен фудбалер, во тоа време член на Манчестер Јунајтед. Дваесет години подоцна, Кристијано на 39-годишна возраст е лидер на португалскиот национален тим, зад себе има и успешна сезона на клупски план во Ал Наср, каде на 45 натпревар постигна 44 гола и 13 асистенции.

Овој рекорд на Кристијано тешко дека ќе биде достигнат во блиска иднина, ако се знае дека Лука Модриќ по петти пат игра на ЕП, но хрватскиот генијалец следното лето ќе му каже збогум на фудбалот, а истото се однесува и на дефанзивецот Пепе.

Кристијано Роналдо досега има 25 натпревари за Португалија на европските шампионати, притоа постигнувајќи 14 гола и девет асистенции. Врвот беше достигнат на ЕВРО 2016, каде Португалците стигнаа до европската титула.

Се вчитува...