Реал Мадрид премногу заостанува зад Барселона, а еден од најкритикуваните е Кристијано Роналдо, кој и на последното „Ел Класико“ одигра далеку под своите можности. Незадоволството на Португалецот, особено по новиот мегадоговор на Лео Меси со Барселона, се одразува и врз неговите настапи, а последните информации говорат дека Кристијано веќе и ја донел својата одлука за заминување – на крајот од оваа сезона.
Како што јавуваат шпанските медиуми, менаџерот Жорге Мендеш веќе за ваквиот став на својот клиент го известил и претседателот Флорентино Перез, од кого бара во следниот период да ја одреди цената што ќе ја бара за својот најдобар фудбалер. Добро познато е дека Роналдо има договор до 2021 година со клаузула од една милијарда евра, но проблем е што Португалецот веќе влезе во четвртата деценија од животот, па ниту еден од заинтересираните клубови нема намера да плати повеќе од 100 милиони евра за неговите услуги.
Првиот човек на Реал се наоѓа во небрано, дали да пресече, да го продаде големиот ас и потоа да направи целосен ремонт (Азар и Кејн како приоритет), или пак повторно да седне на маса со Роналдо и да му понуди нов договор под уште подобри услови. Едно е јасно и повеќе од очигледно – кога Кристијано е несреќен, Реал е бледа сенка од она што го играше лани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА