ЕКИПА во Виена,
Стеван Цаневски
Поразот од Чешка остави трага, но македонските ракометари не дозволуваат тој неуспех да ги исфрли од ритам и да ја наруши атмосферата, свесни дека со триумф утре против Австрија можат да ја остварат зацртаната цел и да се пласираат во следната фаза од ЕП 2020.
„Мораме што поскоро да ја заборавиме Чешка и да се насочиме кон дуелот со Австрија. Ситуацијата воопшто не е трагична, ние и пред првенството знаевме дека ќе ни требаат две победи за пласман понатаму, а сега сме во ситуација со победа од два гола да бидеме први во групата. Сметам дека повеќе ни одговара да играме со Австрија отколку со Чешка и тоа од две причини, прво притисокот нема да биде врз нас, туку врз домаќинот и второ, австриските ракометари по конституција повеќе ни одговараат. Пресудно ќе биде како ќе почнеме, ако отвориме добро и го префрлиме целосно притисокот врз Австријците, во полна сала да се мачат, тоа ќе биде голем плус за да ја оствариме зацртаната цел“, изјави Поповски.
Вчерашниот пораз од Чешка придонесе преку социјалните мрежи да се упатат бројни критики, па дури и навреда на адреса на ракометарите.
„Не ги гледаме тие работи бидејќи настојуваме да останеме максимално фокусирани на она што е поставени пред нас како задача и крајна цел. Ние сме дојдени овде за да играме ракомет и го правиме токму тоа, а луѓето нека коментираат, никој не може да им го забрани тоа“, истакнува десното крило на Пролет, кое настапи и на двете досегашни средби во Виена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА