Крива Паланка за првпат во историјата го освои Суперкупот „Драган Василов – Цевка“ во женска конкуренција, прекинувајќи ја доминацијата на Баскет Кам во ова натпреварување.
По освоената шампионска титула во минатата сезона, кошаркарките на Крива Паланка стигнаа и до трофејот наменет за победникот на Суперкупот откако денеска славеа над Баскет Кам со убедливи 63-51.
По минималната предност по првите десет минути, Крива Паланка направи серија од 22:9, со која на полувремето стигна до убедливи 37:23. Баскет Кам не се предаде, дојде до „минус пет“ (43-38), но шампионките имаа одговор во клучните моменти, повторно се одлепија и заслужено се закитија со трофејот.
Најефикасна во победничкиот состав беше Тања Гордон, која натпреварот го заврши со 23 поени, осум скока и четири асистенции. Одличен учинок имаше и Мариса Ли, која оствари дабл-дабл од 17 поени и 10 скока, на кои додаде и две асистенции.
Кај Баскет Кам, Сања Адамовска беше лидер во нападот со 21 поен и девет скока, додека новото име во составот од Македонска Каменица, Марија Митева, постигна 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
