Прволигашите утре ќе го играат последното коло пред репрезентативната пауза, а најголемо внимание привлекува дуелот во Скопје во кој Вардар ќе го пречека актуелниот шампион Струга ТЛ.
Дефанзивецот на стружани, Бесарт Кривањева, е свесен дека неговиот тим го очекува тешка задача ако сака да стигне до цел плен на овој натпревар.
„Многу важен меч за нас како тим, би рекол и многу тежок меч бидејќи сакаме да тигнеме до победа пред новата репрезентативна пауза. Средбите со Вардар секогаш се специјални, особено за мене како фудбалер кој доаѓа од Скопје. Имав одредени проблеми пред мечот со Гоствар, но сега сум подготвен да дадам се од себе“, изјави Кривањева, кој утре ќе го игра својот јубилеен 200. меч во Првата лига.
Стружани извадија и статистика за овој фудбалер, кој досега одиграл 16 средби против скопските „црвено-црни“, но забележал само четири победи.
„Не следам многу статистика и не ги бројам победите на таков начин, но би порачал дека сум подготвен да ја прославам петтата победа во кариерата против Вардар“, порача Бесарт Кривањева.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА