Шкендија утрово замина за Романија каде утре ја очекува пресметката од 2. квалификациско коло за Лигата на Европа со Ботошани. Шефот на стручниот штаб на романскиот тим, Мариуш Кроитору пред натпреварот нагласува дека ги очекува тежок противник и неизвесен натпревар.
„Не чека тежок натпревар, но ова е историска шанса за нашиот клуб да ги продолжи европските натпревари. Шкендија е навистина силен тим и не знам зошто нам ни ја даваат фаворитската улога. Можеби затоа што ние сме од Романија, а Шкендија доаѓа од Македонија каде фудбалот е на пониско ниво. А, ако се погледнат резултатите од последните години на Шкендија се гледа дека имаат и големо интернационално искуство“ – вели Кроитору, дополнувајќи дека за неговите фудбалери силен мотив ќе биде и фактот дека во следното коло, доколку се елиминира Шкендија, ќе ги чека лондонски Тотенхем.
„Тоа е мотив повеќе за нас. Секој фудбалер во кариерата сака да се соочи со еден таков тим. Ќе направиме се што е во наша моќ за да дојдеме до дуел со Тотенхем“ – истакнува тренерот на Ботошани.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА