Крстевски е најблиску до нов договор со МЗТ Скопје

Бојан Крстевски е на добар пат да ја покаже лојалноста кон МЗТ Скопје и да потпише нов договор со актуелниот првак на Македонија, продолжувајќи го престојот меѓу аеродромци и во наредната сезона. Тој е слободен играч откако му истече договорот со МЗТ Скопје, но иако постои интерес од уште неколку прволигаши Крстевски е најблиску до останување во таборот на „сино-белите“ од Аеродром.

„Металците“ се соочуваат со сериозни финансиски проблеми поради долговите од ланската сезона, намалувањето на буџетот е и повеќе од јасно, но МЗТ е на добар пат да го задржи костурот од домашни играчи, Војдан и Дамјан Стојановски се под договор, а се очекува нов договор да потпише и Крстевски, кој и на 34-годишна возраст се уште оправдано важи за еден од најдобрите центри во македонската лига.

Преговорите за нов договор се во тек, а се очекува потпис да следи откако МЗТ ќе покрие дел од долговите што ги има кон овој кошаркар, како и кон останатите членови на шампионската генерација од сезоната што неодамна заврши.

Токму финансиските проблеми се главната причина поради која „металците“ се уште немаат комплетирано ниту еден трансфер за наредната сезона, нешто што во месец јули не било случај со МЗТ Скопје во последната деценија.

Марин Петков и Виктор Ефремовски беа желби на аеродромци, но како што се одолговлекуваат преговорите, така и шансите за трансфер стануваат се помали.

Се вчитува...