Крстевски: Пелистер игра брзо, но скокот ќе го реши дуелот со Куманово

Пелистер во минатото коло го загуби дербито со МЗТ Скопје, но битолчани ќе сторат се за што поскоро да се вратат на победнички патеки.

Задачата не е нималку лесна, ако се знае дека „пелистерци“ в недела гостуваат на Куманово, каде домашните навивачи најавуваат полнење на салата и создавање на одлична атмосфера. Пелистер во минатото покажал дека знае да слави на жешки терени ширум Македонија, нешто што ќе се обиде да го повтори и викендов во Куманово.

„Играме меч што воопшто нема да биде лесен, на гостински терен на кој домаќиите според информациите за првпат сезоннава ќе играат пред своите навивачи. Тоа ќе создаде дополнителна атмосфера, но воедно и предизвик кој со задоволство ќе го прифатиме. Куманово оваа година располага со тим составен од искусни и квалитетни кошаркари, но тоа не значи дека ќе се предадеме пред да започне натпреварот. Напротив — ќе влеземе максимално подготвени и мотивирани“, вели Дамјан Крстевски, кој прикажува одлични игри во дресот на Пелистер на последните натпревари.

Според крилниот кошаркар, клучната битка ќе се води под обрачите, каде Пелистер ќе мора да одговори на скок-играта на кумановци.

„За да дојдеме до победа, клучна ќе биде цврстата дефанзива под кошевите, како и контролата на офанзивниот скок на противникот. Една од нашите предности е играта во транзиција, која може многу да ни донесе. Ако ги испочитуваме тие елементи, верувам дека имаме реални шанси да излеземе како победници“, истакнува Дамјан Крсгевски.

Се вчитува...