Пелистер влезе во нова победничка низа откако во 10. коло очекувано ја потврди фаворитската улога и славеше на гостувањето во Скопје против Вардар со убедливи 59-90.
Еден од најдобрите кошаркари во „зелено-бело“ на овој натпревар беше Дамјан Крстевски кој оствари дабл-дабл учинок од 12 поени и 10 скокови. Младиот кошаркар не го криеше задоволството од победа.
„Ова беше натпревар што се играше во ран термин и ни требаше малку време за адаптација. Ни беа неопходни петнаесетина минути да го промениме пристапот и да го покажеме квалитетот што го поседувамe. Второто полувреме донесе сосема поинаква слика на теренот, покажавме друг карактер што ни ја донесе убедливата победа“, изјави Крстевски.
Во следниот натпревар Пелистер силите ќе си ги одмери со ТФТ, натпревар на кој Крстевски ќе се сретне со поранешните соиграчи.
„Пелистер сезонава атакува на двојната титула, што значи дека ќе одиме на победа на секој меч без разлика кој ни е противник. Против ТФТ пред нас е тежок натпревар, но ќе играме пред домашната публика, очекувам салата да биде исполнета, а ние ќе се погрижиме да дадеме се од себе и да стигнеме до победа, за на крајот заедно да се радуваме“, додава крилото.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА