Бојан Крстевски ќе има тешка задача во борбата под обрачите со литванските центри, но искусниот кошаркар на МЗТ Скопје е решен повторно да излезе на терен и да даде се од себе во репрезентативниот дрес.
Отсуството на клучните кошаркари како Димитријевиќ и Хап дефинитивно е проблем за нашиот национален тим пред утрешниот дуел, но Крстевски и останатите репрезентативци се решени да одиграат најдобро против реномираниот ривал.
„Знаеме дека се среќаваме со исклучително силна репрезентација, особено што сега имаат и нов селектор на кормилото. Не знаеме што точно да очекуваме, какви промени ќе направи тој селектор во играта на Литванците, но ние се подготвуваме за нашата игра, да се претставиме во што подобро светло. Имаме изменет состав во однос на последните натпревари, ќе мораме да се снаоѓаме без Нено, без Магдевски, ќе го немаме ниту Хап, но што е тука е, ни останува да излеземе на терен и да се обидеме да стигнеме до позитивен резултат на домашен терен. Целиот фокус ни е на овој меч во Скопје, по него ќе размислуваме и за неделниот реванш во Литванија. Знаеме дека е тоа состав од играчи од домашно првенство, и тие ќе ги немаат на располагање своите евролигашки кошаркари, но во секој случај станува збор за максимално сериозна репрезентација“, изјави Крстевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА