Крстевски: Со игра како против Куманово, ќе славиме и над Гостивар

Кошаркарите на Пелистер имаат одлични шест победи и само еден пораз од почетокот на 2026 година во Супер-лигата, па јасно е дека полни со самодоверба ќе влезат во утрешниот дуел со Гостивар во обид да му се реваншираат на овој ривал за поразот во првиот дел од сезоната.

„Зелено-белите“ пред само неколку дена одиграа перфектен дуел во победата од 30 поении разлика над Куманово, издание што ќе се обидат да го повторат и на утрешниот меч со гостиварци.

„Со Куманово одигравме навистина одличен натпревар. Клучот беше нашата одбрана, особено во второто полувреме кога примивме само 23 поени. Тоа покажува колку бевме фокусирани и дисциплинирани како тим. Куманово е сериозен ривал и не е лесно да се победи така убедливо, но ние од првата минута влеговме со енергија и со добра тимска игра. Исто така, атмосферата во салата беше одлична и навистина беше уживање да се игра во таква атмосфера“, вели Дамјан Крстевски.

Крилниот кошаркар јасно става до знаење што е потребно за триумф над Гостивар – чување на фокусот во одбраната на највисоко ниво.

„Што се однесува до Гостивар, тие се екипа со квалитет, играат цврсто и знаат да казнат секоја грешка. Во првиот круг мислам дека не бевме на нашето вистинско ниво, имавме падови во концентрацијата и дозволивме лесни поени. В недела треба повторно да тргнеме од одбраната, да ја контролираме транзицијата и да играме паметно во напад. Ако ја задржиме енергијата и тимската игра како против Куманово, мислам дека имаме добри шанси да дојдеме до победа“, оптимист е Крстевски.

Се вчитува...