Крстевски: Создаваме шанси, но не даваме голови… сакаме да покажеме дека имаме квалитет

Младата репрезентација на Македонија до 21 година пристигна во Бусум, во пресрет на квалификацискиот меч против Холандија, кој ќе биде одигран на стадионот Јанмар во Алмере во четврток, со почеток во 20. часот. Во првиот меѓусебен дуел на овие две селекции во рамките на второто коло од квалификациската група, Холандија во Скопје успеа да издвојува победа од 2:0, меч на кој нашите фудбалски надежи при 0-0 не искористија неколку убави шанси.

Фудбалерот на Шкендија и стандарден член на младиот национален тим, Ване Крстевски ги сподели своите очекувања пред мечевите со Холандија и Гибралтар.

„Се наоѓаме на почетокот на сезоната, овој период секогаш е напорен, но се наоѓаме во добра форма што се однесува до физичкиот дел. Подготвени сме да да го дадеме максимумот на овие натпревари. Ако сакаме да оствариме позитивен резултат и да одиграме добар натпревар против фаворитот во групата, мораме сите заедно да одиграме тактички перфектно, да бидеме пожртвувани и борбени во текот на целиот меч. На дуелот во Скопје, против Холандија одигравме одличен натпревар, со добра игра, многу борба и трчање. Се најдовме во неколку одлични ситуации за постигнување погодок, но реализацијата не беше на ниво. И на последните натпревари, се виде дека најголем проблем имавме со реализацијата. Создававме многу шанси, но не постигнувавме голови. Извлековме голема поука од тие средби, се надевам дека во Алмере ќе одиграме дуел кој резултатски ќе биде во наша корист. Последните натпревари во овие квалификации сакаме да ги одиграме на високо ниво и да покажеме дека оваа селекција располага со квалитет“, вели Крстевски.

Четири дена по натпреварот со Холандија, нашите млади фудбалери ќе ги одмерат силите со селекцијата на Гибралтар.

Се вчитува...