Крстевски: Важна победа во Битола, во вториот дел од сезоната очекувам повеќе победи и во АБА

Последниот прволигашки натпревар за 2022 година донесе големо возбудување во Битола каде на Пелистер му гостуваше МЗТ Скопје. Битолчани добро го отворија мечот и веќе во првото полувреме стекнаа предност од 16 поени, но аеродромци успеаја да направат целосен пресврт во третата четвртина, а потоа искусно да приредат и мирна завршница за победа број 10.

Херојот на „сино-белите“ беше Бојан Крстевски кој ја започна повратничката серија во третата четвртина, а на крајот го предводеше својот тим со 22 поени при реализација 9/11 од поле и 7 скока.

„Важна победа на гостински терен против многу незгоден противник. Не отвориме баш најдобро имавме негатива од 16 поени, меѓутоа останавме доследни на договореното и на крајот заслужено славевме“, изјави Крстевски за ЕКИПА.

Репрезентативецот е задоволен од успешната полусезона во домашното првенство, но жали за поразите во АБА лига за кои се надева дека тој и соиграчите ќе ги неутрализираат во вториот дел од сезоната.

„Играме стабилно успевaме да ги искористиме предностите што ги имаме над другите тимови. Штета за некој пораз во АБА лигата посебно на домашен терен. Се надевам дека втората полусезона ќе се прикажеме во подобро светло и ќе обезбедиме доволен број на победа за пласман нагоре. Притисокот е секогаш тука, посебно кога сме во ваква ситуација, меѓутоа во продолжението очекувам поголем број на победи и обезбедување на учество во АБА1 и следната сезона“, додава крилниот центар.

Се вчитува...