Круљ: АП Брера е екипа со потенцијал, со нови засилувања ќе склопиме квалитетен тим

Фудбалерите на АП Брера Струмица денеска ги стартуваа подготовките за пролетниот дел од сезоната во Првата македонска фудбалска лига.

Струмичани подготовките ќе ги реализираат во три фаза, првата во Струмица, втората во Турција во Анталија додека последната повторно на свој терен во Струмица.

Тренерот на струмичани, Бојан Круљ информираше дека за време на престојот во Анталија ќе бидат одиграни четири контролни средби, против Сабуртало од Грузија, против Черноморец Одеса од Украина, против Атирау од Казахстан и против Рух Хоржов од Полска.

„Ги почнавме подготовките и низ следните две недели до заминувањето во Анталија ќе имаме базично трчање за што подобра физичка подготовка. На 24. јануари заминуваме во Анталија каде ќе одиграме четири контролни натпревари против исклучително квалитетни противници кои сами ги биравме. Ќе имаме навистина квалитетни дуели за што подобра подготовка, за што подобра воиграност“ – вели Круљ.

АП Брера има изменет состав во однос на есенскиот дел…

„Да, имаме промени со заминување на некои играчи од есенскиот дел, а дојдоа и некои нови. Ќе има уште заслувања. Цел ни е да го задржиме костурот а со нови засилувања да донесеме нешто ново за тимот. Екипата има навистина потенцијал со доста млади талентирани фудбалери, и заедно со новите се надевам дека ќе подготвиме пакет онаков каков што треба“ – дополнува Круљ.

АП Брера во моментов приклучи и шест играчи од младинскиот тим на клубот кои ќе треба да се наметнат за место во тимот за пролетниот дел од сезоната.

Се вчитува...