Крушево и Македонија добија домаќинство на Европско и Светско првенство во параглајдерство

Комисијата за слободно летање при ФАИ на последниот свој состанок во Салцбург донесе одлука за доделување организација на Крушево и Македонија на следните два најголеми настани во параглајдинг.

Крушево следната година ќе биде домаќин на Европското првенство во параглајдерство, а во 2019 година, пак, ќе биде организатор и на Светскиот шампионат.

Од утре, пак, македонска репрезентација ќе учествува на годинашното Светско првенство во параглајдерство – прецизно слетување кое ќе се одржи во Валона, Албанија, до 14. мај. Македонија ќе ја претставуваат седум натпреварувачи а тим лидер на репрезентацијата е младиот Мартин Јованоски, голема надеж на Македонија. Тој потекнува од параглајдерско семејство, и на првенството ќе учествува заедно со неговиот татко Миле Јованоски и братот Борјан Јованоски.

Учеството на нашата репрезентација беше поддржано од Агенцијата за млади и спорт. Оваа манифестација е дел од календарот на  Интернационалната воздухопловна федерација. Официјални претставници на Воздухопловната федерација на Македонија ќе бидат претседателот на ВФМ, Владимир Бараковски и генералниот секретар Биљана Еверет.

Се вчитува...