Поголема група француски навивачи предизвикаа големи нереди во Билбао, пред и за време на натпреварот меѓу Атлетик Билбао и Марсеј од Лига Европа. По судирот со навивачите на францускиот клуб, двајца луѓе од обезбедувањето се пренесени во болница, а повредено е и малолетно девојче.
„Во болница е примен 57-годишен човек со рана на вратот и уште еден помлад човек со рана на раката. И двете повреди се предизвикани со употреба на нож, но за среќа ниеден од повредените не е во животна опасност“ – стои во соопштението од болницата во Билбао.
Дивеењето на француските хулигани од улиците се пренесе и на трибините за време на натпреварот. Навивачите на Марсеј од горниот дел на трибините фрлале запалени факели и во таа нивна авантура повредено е едно малолетно девојче. По овој инцидент, обезбедувањето и полицијата тргнале да ги отстранат гостинските навивачи од стадионот и тука дошло до нов судир.
Марсеј славеше победа на гостувањето против Атлетик Билбао со 2-1 и обезбеди пласман во четвртфиналето во Лига Европа со вкупни 5-2.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА