Кугларски клуб „Макпетрол“ испиша нова златна страница во својата историја. Скопската екипа освои двојна круна оваа сезона во домашните натпреварувања, односно шампионска титула во лигата, како и Купот на Македонија.
Со овој успех, тимот 25-ти пат е шампион на Македонија и 14-ти пат се закитува со националниот куп, со што уште еднаш е потврдена доминацијата на сите фронтови.
Титулата во лигата е освоена со перфектен учинок (12 победи во 12 натпревари), што ја нагласува стабилноста и одржливиот квалитет на екипата во текот на целата сезона. Резултатите ја истакнуваат силата на тимот и континуитетот што „Макпетрол“ го гради со години во македонското куглање.

Во финалето на Купот, одиграно во саботата, „Макпетрол“ го совлада КК „Вардар 2014“ со 6-2, со вкупен резултат 3325-3240, заокружувајќи ја сезоната со уште еден трофеј.
Со новата двојна титула, клубот повторно ја потврди својата лидерска позиција и статусот на најтрофеен и најуспешен кугларски колектив во домашни рамки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

