Кулибали добива поголема плата од Бонучи

Калиду Кулибали е подготвен да ги отфрли понудите од неколку европски гиганти и да потпише нов договор со Наполи, со кој сенегалскиот интернационалец ќе остане во Неапол до јуни 2023 година. Претседателот Де Лаурентис минатото лето одби неколку понуди за овој одличен одбранбен фудбалер, по што во септември ги интензивираше преговорите за продолжување на соработката.

Информациите од Италија говорат дека договорот е веќе постигнат, а Кулибали ќе добие речиси двојно зголемување на платата. Тој заработува 3,5 милиони евра годишно според актуелниот договор, а со потписот на новиот договор платата на Сенегалецот ќе се искачи на шест милиони евра по сезона, со што Кулибали ќе стане најплатен дефанзивец во италијанскиот шампионат, минувајќи го на врвот Леонардо Бонучи.

„Наполитанците“ со овој потег сакаат да дадат до знаење дека немаат намера да ги продаваат клучните фудбалери, туку целта е со уште неколку нови играчи во блиска иднина да се создаде тим што ќе го симне Јувентус од врвот на италијанскиот фудбал.

 

Се вчитува...