Општина Кисела Вода синоќа, преку пригодна свеченост, официјално го пушти во употреба спортскиот простор „Славија“, култното место за Скопје кое живееше во минатото а кое долги години беше фрлено на заборавот.
Сега повторно комплетно реновирано, како што истакна градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, „Славија“ од денеска е модерен спортски комплекс подготвен да биде центарот на спортските збиднувања за сите тенисери, фудбалери, кошаркари, пигпонгари, простор за рекреација и спортска активност на сите жители на Кисела Вода.
На површина од 1350 квадратни метри, сега нуди најсовремено кошаркарско, фудбалско и одбојкарско игралиште, модерни терени за тенис и пинг понг, создадени според највисоките меѓународни стандарди. Поставена е и урбана опрема, ограден е и осветлен, што го прави овој спортски центар удобен и безбеден за користење дури и во вечерните часови.
„Драго ми е што денес сме тука сите заедно, на еден слободно ќе го наречам, историски чин. За Општина Кисела Вода, за Пржино, за сите генерации кои во едно далечно минато тука спортуваа и бележеа спортски резултати, за сите нови млади спортски таленти кои денес добиваат простор за себе. Сѐ до денес игралиштето ,,Славија” беше живо само во спомените. Реалноста беше поразителна. Од култно место, од еден спортски белег на нашата општина, просторов беше оставен да пропаѓа, целосно запуштен и неугледен. Многумина претходно ветуваа, но се чинеше дека оваа тема никогаш нема да дојде на дневен ред. Водејќи се од она во кое силно верувам, дека ‘Исполнетите ветувања се огледало на интегритетот и преданоста на еден човек’, пред неколку месеци започнавме со интензивни градежни активности чиј резултат го гледаме сега. Искрено верувам дека тој повторно ќе биде култно место каде нашите млади ќе се собираат, ќе спортуваат, ќе се рекреираат и дружат. Дека ова ќе биде простор каде што ќе се бележат спортски успеси и ќе се раѓаат нови спортски таленти“ – истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски на синоќешното свечено отворање на спортскиот комплекс.
На свеченоста присуствуваа и заменикот на градоначалникот на Кисела Вода, Иван Митровски, како и македонската ракометна легенда и актуелен извршен директор на РК Вардар, Борко Ристовски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА