Куман ја отвори душата: За Меси, Суарез, изборите и амбициите…

Ситуацијата во Барселона од година во година е се потешка, а сите предизвици со кои што се соочува каталонскиот клуб проговоре првиот човек на тимот, Роналд Куман, кој го прифати предизвикот повторно да го вивне својот поранешен клуб онаму каде што припаѓа.

Во интересно интервју за „Атлетик“, Холанѓанецот ја отвори душата за сагата на Меси, заминувањето на Суарез, престојните избори, одлуката да се врати на „Камп Ноу“, но и за амбициите на клубот.

„Беше многу лоша ситуацијата кога стигнав во клубот. Меси беше лут за некои работи во тимот и воопшто не беше среќен што е дел од екипа која загуби со 8-2 од Баерн. Тогаш сакаше да си оди, не сум сигурен ни сега дека Меси ќе остане, но се надевам на тоа. Впрочем, не можам да го замислам во дрес на некоја друга екипа. Со него зборував кога дојдов во неговата куќа, тогаш делуваше еуфорично и сакаше да и помогне на екипата. Често разговараме за тактики, имаме отворен и професионален однос“ – изјави Куман.

Многумина останаа зачудени на одлуката на каталонскиот тим да го пушти Луис Суарез да замине во редовите на лутиот ривал Атлетико, каде со 14 погодоци го предводи составот од Мадрид на врвот на табелата.

„Секако дека ќе беше подобро за нас Суарез да заминеше во Јувентус, отколку во Атлетико Мадрид. Тоа беше тешка одлука која што мораше заедно да ја донесеме, но јас и понатаму сметам дека не погрешивме што одлучивме да го пуштиме да замине“ – додаде Холанѓанецот.

Престојните претседателски избори во клубот може драстично да ја променат ситуацијата во Барселона, а Куман со нетрпение ги очекува истите.

„Потребен ни е претседател кој може да створи иднина за овој клуб. Една од најтешките работи со кои во моментов се соочувам е тоа што сум тренер на клуб кој нема претседател. Јас ги носам сите технички одлуки, а тоа ми ја отежнува работата. На Барселона и е неопходен претседател. Пандемијата многу не погоди, нема навивачи, нема туристи и никој не купува дресови. По завршувањето на пандемијата Барселона ќе се врати и повторно ќе стане најголемиот клуб на светот“ – продолжи тренерот на каталонците.

Покрај тоа Холанѓанецот проговоре и за неговата поврзаност со клубот чиј дрес го носеше во периодот помеѓу 1989 и 1995 година.

„Го обожавам овој град, овој клуб и неговите навивачи. Барселона е една од најголемите екипи на светот, сите очекуваат многу од нас, а навивачите сакаат трофеј секоја сезона. Да ја тренираш Барса е најтешкиот предизвик кој сум го добил и покрај тоа што го познавам клубот и тоа што луѓето тука ме сметаат за легенда по оној гол во финалето на ЛШ во 1992 година. Тренерското место ми беше понудено и во јануари 2020 година, но тогаш одлучив да останам со репрезентацијата и да ја однесам Холандија на ЕП. По целата ситуација со коронавирусот, одлучив да ја прифатам понудата, бидејќи сам себе си реков дека нема по трет пат да одбијам ваква можност“ – истакна Куман.

Барселона поминува низ еден период на смена на генерации, а во целата транзиција клубот оди чекор по чекор…

„Никој во клубот од мене не бараше освојување на трофеи бидејќи знаат дека се наоѓаме во период на транзиција. Меѓутоа, секако дека сакаме да се бориме за сите трофеи. Разочарани сме од поразот во Суперкупот, тоа беше прво финале за 12 фудбаери од нашата екипа. Имаме многу талентирани и млади играчи, но од нив не можете да очекувате Барса да биде онаа каква што беше пред 10 години, тоа е лудост. Тоа што го сакам јас е мојата екипа да игра напаѓачки и брз фудбал. Се надевам дека ќе го зачуваме наследството на Јохан Кројф, кој беше тренер кога јас играв за Барселона и тогаш почна да ги менува работите во клубот“ – заклучи искусниот стратег.

Се вчитува...