Вејн Руни не замина во Кина, одлучувајќи да остане на „Олд трафорд“ до крајот на сезоната, но за него дојде голем удар од менаџерот Жозе Мурињо, кој не му даде шанса да заигра во финалето на ЕФЛ Купот на Англија, што „црвените ѓаволи“ успеаја да го освојат против Саутемптон. Ова само ги подгреа шпекулациите дека Руни сигурно ќе си замине на крајот од сезоната. А со оглед дека не сака да се сели во Кина, за него има отворена врата во неговиот матичен клуб Евертон. Тоа јавно го обзнани менаџерот на „карамелите“, холандскиот стратег Роналд Куман.
„За него секогаш се отворени вратите во Евертон. Мислам дека тој би бил значајно засилување за нас, но сега е рано да се говори за тоа. Ако мене ме прашувате, мислам дека донесе добра одлука што остана во Манчестер јунајтед и не ја прифати понудата од Кина“, изјави Куман.
Вејн Руни дебитираше во дресот на Евертон на само 16 години и се промовираше како фудбалско чудо, а потоа се пресели во Манчестер јунајтед, на инсистирање на сер Алекс Фергусон. Во дресот на „црвените ѓаволи“ стана најдобар клупски стрелец во историјата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА