Куман: Зошто ВАР се користи само против Барса?

Роналд Куман жестоко ги нападна ВАР-судиите во Шпанија поради критериумот што го покажуваат против Барселона на стартот од новата сезона. Откако на денешното „Ел Класико“ беше досуден пенал за Реал Мадрид, стратегот на Барса отворено изрази сомнеж околу користењето на ВАР-технологијата во Ла Лига.

„По мечот го прашав судијата која е поентата на ВАР ако се користи само против Барселона. Јас не сум против, сакам технологијата да им помогне на судиите, но тоа треба да биде од корист за сите тимови, а не само против одредени. Имавме бројни ситуации, два црвени каротни во Хетафе, недосуден пенал со Севилја, и сега ова… Навистина сум разочаран, побарав од судијата да ми се објасни како се користи ВАР, само за едни и само против други клубови“, истакна Куман.

Тој децидно тврди дека арбитрите погрешиле кога покажале на белата точка по стартот на Ленгле врз Рамос.

„Не беше пенал, тоа е мојот став. Ќе ви објаснам и зошто. Ако влечењето за дрес е причина за фаул, тој што паѓа ќе падне напред, бидејќи е силно повлечен од противникот. Рамос падна наназад, што е доволен доказ дека глумеше“, објасни Роналд Куман.

Се вчитува...