Ракометарките на Металург направија подвиг пласирајќи се во финалето од Купот на Македонија во женска конкуренција, во првото полуфинале елиминирајќи го бранителот на трофејот Куманово со резултат 25-21. Кумановки имаат за што да жалат откако прокоцкаа четири гола предност во второто полувреме, а најдобра ракометарка на Металург беше 15-годишната Ива Младеновска, која беше незапирлива за противничките, предводејќи го својот тим до место во финалето.
Првото полувреме мина во нешто подобра игра на кумановки, кои предводени од Кипријановска поведоа со 5-3, нешто подоцна и со 8-5. Сепак, голманката Илјаз влезе во серија одбрани и помогна Металург да стигне до израмнување од 10-10, за Куманово сепак на одмор да замине со водство од 12-10. Бранителките на трофејот беа одлични и на стартот од второто полувреме, стигнувајќи до најубедливи четири гола предност (18-14). Тогаш скопјанки тргнаа со „седум на шест“ во нападот и неколку лесни реализациии, на спротивната страна Илјаз одбрани уште неколку опасни удари кон нејзиниот гол, целосно вртејќи го мечот во своја полза.
Ракометарките на Куманово ја загубија самодовербата, Металург предводен од Младеновска фуриозно го заврши натпреварот и на крајот триумфирајќи со конечни 25-21.
Ива Младеновска беше главна фигура на овој полуфинален дуел со десет гола, Божиновска постигна седум погодоци за Металург, додека најефикасна во редовите на Куманово беше Јована Кипријановска со девет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА