Куманово е подготвено за претстојниот завршен турнир од ракометниот Куп на Македонија, што во периодот од 9 до 11 мај ќе се одржи во овој град. Организатори на завршните турнири се општина Куманово, Женски ракометен клуб Куманово и Ракометната федерација на Македонија, по повод 90-годишнината од формирањето на Женскиот хазенарски клуб Куманово, како прва ракометка екипа во Македонија, како и 500-годишнината на град Куманово.
„Ќе ја имаме таа чест да ги угостиме најдобрите четири тима во машка и женска конкуренција и се надеваме дека ќе дојдеме едо трофејот по подолго време во Куманово, кога е во прашање и женскиот ракомет, бидејќи токму ЖРК Куманово е еден од фаворитите во битката за највисок пласман и во шампионатот и во Купот на Македонија“ – изјави на денешната прес-конференција Бошко Тасиќ, претставник на организацискиот одбор.
Битка за трофејот во машка конкуренција ќе водат Вардар, Металург, Бутел и Работник, а во женска конкуренција за пехарот ќе се борат, Вардар, Металург, Стружанка и домаќинот ЖРК Куманово.
„Имаме три дена турнири, по два натпревари дневно, така што во четврток на 9ти мај во првиот меч во 17 часот ќе се сретнат екипите на ЖРК Вардар и ЖРК Стружанка во првото полуфинале, додека нашата екипа ЖРК Куманово од 20 часот со директниот конкурент и во првенството и во купот, ќе игра со ЖРК Металург во второто полуфинале. Во петок на 10ти мај закажани се два дуели во машка конкуренција каде во првиот дуел настапуваат екипите на Металург од Скопје и екипата на Бутел, додека во вечерните часови од 20 часот актуелниот шампион на Македонија, РК Вардар ќе се сретне со Еурофарм во второто полуфинале“ – рече Никица Кипријановски, претседател на ЖРК Куманово.
Финалните натпревари ќе се одиграат во сабота. Од 16 часот ќе се игра женското, а од 20 часот машкото финале.
Билетите ќе имаат симболична цена. Два полуфинални натпревари може да се следат со еден билет кој ќе чини 60 денари, додека за финалните натпревари билетот ќе чини 100 денари. Со еден билет може да се проследат два натпревари кои се играат во ист ден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА