Кошаркарите на Куманово по триумфалниот старт на сезоната врзаа два порази по ред, откако во претходните десет дена загубија на домашен терен од Работнички, а потоа и на гостувањето против Кожув. Избраниците на Александар Петровиќ се свесни за слабата партија во Гевгелија, што им е само мотив повеќе викендов на гостувањето против Пелистер (денеска, 13 часот) да се вратат на победнички патеки.
„Против Работнички одигравме одлично, на пет минути пред крајот имавме и предност, но потоа Пенов доби петта лична грешка за „флопинг“, по што шампионот направи пресврт. Тоа беше разочарување за нас бидејќи одигравме навистина одличен натпревар. За жал, таа игра не ја повторивме и во Гевгелија, каде потфрливме во нападот и врзавме два слаби резултати. Во изминатите денови работевме напорно на отстранување на грешките, максимално сме подготвени за дуелот со Пелистер. Можеби на хартија сме фаворити, но јасно ни е дека домаќинот има квалитетен тим што никако не смее да се потцени. Клучно ќе биде да одиграме на висина на нашите можности, ако ги исполниме задачите дадени од тренерот верувам дека ќе им се вратиме на победите“ – истакна Адем Мекиќ, македонскиот репрезентативец во редовите на Куманово.
Куманово се наоѓа на делба од четвртото до шестото место на табелата со скор од три победи и два порази, колку што имаат и Фени индустри и Кожув.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА