Куманово ја надмина серијата на порази откако на домашен терен славеше над Црн Дрим со 86-75 во 7. коло од Првата лига. Избраниците на Мирковски го контролираа натпреварот од самиот почеток, одиграа убедливо под обрачот на противникот, ја контролираа скок играта и заслужено стигнаа до третата победа во домашното првенство.
Од самиот почеток на натпреварот домаќините ја имаа иницијативата. Преку добрата игра во рекетот, Куманово постигна 14 поени во првите десет минути, а го контролираше и скокот па направи значајна предност. Гостите не ги служеше шутот на отварањето на натпреварот, стружани промашија и четири слободни фрлања па избраниците на Мирковски стигнаа до двоцифрена предност (24-13). Добрата игра на стартерите на Куманово продолжи до самото полувреме, но се консолидираа и гостите од Струга. Избраниците на Чочороски возвратија со добра игра под противничкиот кош, а за тоа голема заслуга имаа играчите од клупата кои комбинираа 14 поени во втората четвртина. Подобрата игра на Црн Дрим сепак не беше доволна за надокнадување на заостатокот од првите десет минути па на полувремето резултатот гласеше 48-37.
Добриот моментум од првото полувреме „сино-белите“ го пресликаа и на отварањето на вториот дел од натпреварот. Избраниците на Мирковски продолжија да го полнат рекетот на гостите, кои пак за разлика од втората четвртина немаа поддршка од клупата. Стружани во главно поентираа преку индивидуалната игра, која не беше доволна за противник како Куманово. Домаќините стигнаа до предност од +19 (72-53) при крајот на третата четвртина, но серијата од 7-0 на гостинскиот состав ја намали предноста на само +12 по 30 минути игра (72-60). До крајот на натпреварот избраниците на Мирковски успеаја да ја одржат предноста и покрај налетот на гостите кои во неколку наврати имаа едноцифрена негатива.
Четири играчи од почетната петорка на Куманово постигна двоцифрен број на поени од кои најрасположен со 22 поени и 13 скока беше Александар Андрејевиќ, додека Рејли-Рос додаде 21 поен, 6 скока и 8 асистенции. Кај гостите од Струга, Хуго Клусен постигна 21 поен, а како двоцифрени натпреварот го завршија и Андреј Атанасов кој додаде 12 поени и Андреа Делоски со 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

