Бугарскиот прволигаш Берое е новиот шампион на БИБЛ-лигата откако и во вториот натпревар од финалето оваа екипа славеше над македонскиот вицепрвак Куманово. Сите дилеми околу освојувачот на пехарот беа разрешени уште на првиот меч во Стара Загора што Берое го доби со преубедливи 84-55. Сепак, тоа не влијаеше премногу врз мотивираноста на гостинските кошаркари, кои славеа и на вечерашното гостување во Куманово (73-77), за доказ дека се најдобар тим во ова натпреварување и пехарот заслужено завршува во нивни раце.
Берое целосно доминираше во првото полувреме, во кое гостите заслужено заминаа на одмор со предност од убедливи 26-44. Марјан Србиновски сепак успеа да ги мотивира своите избраници, па Куманово одигра фантастична трета четвртина што „сино-белите“ ја добија со 30-11 и го свртеа резултатот во своја полза. Сепак, тоа беше се што кумановци успеаја да сторат бидејќи Берое повторно ја стабилизираше својата игра во последните десет минути и заслужено стигна до победата.
Јанески со 15 поени беше најефикасен кај Куманово, пред Караџовски и Живановиќ со по 14 постигнати поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА