Кошаркарите на Куманово не успеаја триумфално да ја стартуваат сезоната во БИБЛ-лигата, губејќи на гостувањето против Левски со резултат 85-78. По разочарувачкиот пораз од Работнички во домашното првенство, кумановци повторно не се снајдоа во завршницата од еден неизвесен меч, па на крајот не им преостана ништо друго освен да му ја честитаат победата на противникот.
Првата четвтрина мина во максимално израмнета битка, екипите се менуваа во водство, за Левски прв посериозно да се одлепи (27-21). Сепак, кумановци ги реализираа своите последни два напади преку Миљковиќ и Штерјов па по првите десет минути резултатот гласеше 27-25. Куманово дојде во предност на самиот почеток од втората четвртина, но се почестите грешки во завршницата, како и четирите промашени слободни фрлања на македонскиот клуб му овозможија на домаќините повторно да го сврти резултатот во своја полза, па со поените на Маравиќ тимот на Левски замина на одмор со минимална предност од 45-44.
Третиот период мина во знакот на домашниот тим, кој во неколку наврати имаше по осум поени предност, но кумановци не се предадоа, па во последните десет минути се влезе со резултат 66-60. Одбраната на Куманово функционираше одлично на стартот од четвртата четвртина, па со тројката на Караџовски македонскиот претставник дојде на само еден поен разлика (68-67). Во следните две и пол минути Куманово не постигна ниту еден поен, па Левски пак се одлепи, поведувајќи со 74-67 пред Игор Михајловски да побара тајмаут. Сепак, неговите совети не вродија со плод, Левски рутински ја одржа предноста и македонскиот претставник го загуби овој меч со конечни 85-78.
Миљковиќ со 17 поени беше најефикасен кај македонскиот клуб, пред Караџовски со 16 и Јанески со 15 поени.
Во рамките од второто коло Куманово ќе го пречека тимот на Ибар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА