Пелистер ја забележа и четвртата победа во низа во Првата лига, откако битолчани по голема борба успеаја да слават на гостувањето против Куманово со 78-81. Избраниците на Марјан Илиевски влегоа како големи фаворити во натпреварот, но се соочија со проблеми да го запрат Јаневски, околу кого се вртеше речиси се во нападите на Куманово.
Дуелот беше израмнет од почеток до крај, а кумановци сигурно уште долго ќе жалат за пропуштените шанси во последната четвртина. Имено, домашниот тим имаше водство до половина од клучната четвртина, но потоа шест минути „сино-белите“ не погодија ниту еднаш од поле. Иако и Пелистер се мачеше во нападот, битолчани сепак беа доволно ефикасни за да направат пресврт и да го приведат мечот до крајот, пред Куманово конечно да реализира преку Димитриевски дури откако победникот беше решен.
Хаџифејзовиќ со 20 поени беше најефикасен во победничкиот тим, додека Мустафица оствари дабл-дабл од 12 поени и 13 скокови. Кај Куманово во главна улога беше Јаневски со 26 поени и 10 скокови, додека Јузбашиќ реализираше 16 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

