Куманово славеше на дуелот против Гостивар со резултат 85-70 во најинтересниот дуел од 22. коло, со што кумановци си го обезбедија четвртото место на табелата пред почетокот на Супер-лигата.
Вечерашниот дуел значеше и директна пресметка за четвртата позиција, но избраниците на Александар Петровиќ одиграа беспрекорен натпревар. Осоколени од победата над Блокотехна во минатото коло, кумановци продолжија во силен ритам и вечерва, а триумфот е уште позначаен ако се знае дека е забележан без помошта на Димитар Караџовски, кој воопшто не влезе во игра поради реализираниот трансфер во Работнички, што ќе биде комплетиран во следните 48 часа.
Куманово уште во првата четвртина стигна до двоцифрена предност (16-6), но гостите се вратија и овој период заврши со минимални 24-22. Сепак, „пулените“ на Петровиќ со колективна игра повторно се одлепија, па на крајот од третата четвртина сите пет играчи од стартната петорка на Куманово веќе имаа двоцифрен ефект. На спротивната страна, гостите немаа премногу расположен играч што би го повлекол тимот во атак кон победа, па кумановци заслужено триумфираа со конечни 15 поени разлика.
Јанески беше главна фигура во победничкиот тим со 18 поени, Мекиќ постигна 15 поени, исто колку и одличниот Стајиќ, кој имаше и 13 успешни асистенции. Најефикасни кај Гостивар при вечерашниот пораз беа Димчевски со 17 и Тасовски и Робев со по 11 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА