Домаќинот Куманово е последниот полуфиналист на Купот на Македонија откако во денешното супердраматично четвртфинале славеше над Пелистер со 66-75. Кумановци беа поумешни во завршницата, но имаа и сериозна помош од судиите кои во клучните моменти со низа одлуки во нивна корист, воедно и исклучувајќи го гостинскиот тренерот Даскаловски, дадоа сериозен придонес за „сино-белите“ да го продолжат атакот на големиот трофеј.
Мечот почна со неефикасна игра на двете страни, при водство на Куманово од 8-6 на половина од првата четвртина дојде до голем инцидент на трибините, по кој имаше и прекин откако „пелистерци“ се повлекоа во соблекувалните во знак на протест. По петнаесетина минути пауза четвртфиналето продолжи, двата тима се разбудија во нападот, а Пелистер ја доби стартната четвртина со 18-17 со тројката од десетина метри што ја погоди Малешевиќ. Со израмнета игра се продолжи и во второто полувреме во кое Пелистер подобро заврши и на одмор замина со водство од 41-37.

Второто полувреме почна со четири поени на Луковиќ со кои центарот на Куманово донесе израмнување. Пелистер се мачеше во нападот, постигна самоо два поени за четири минути, а проблемите се зголемија откако за помалку од половина игра во третата четвртина по три лични грешки веќе имаа Стајиќ, Брејси Дејвис, Малешевиќ и Џенкинс. Со израмнета игра се продолжи низ текот на целата четвртина, Куманово поведе со „плус пет“, Пелистер одговори со две тројки, за во последните 10 минути да се влезе со 56-54 за битолчани.
Пелистер имаше 61-56, но кумановци успаа да се вратат и да израмнат на 61-61, резултат на семафорот на пет минути до крајот на ова драматично четвртфинале. И тогаш имаше очигледен недосуден прекршок врз Стајиќ, реакција од клупата и втора техничка за тренерот Даскаловски и исклучување за тренерот на Пелистер. Отпорот на битолчани беше скршен во следниот напад, по нов сомнителен прекршок, овојпат петти на Брејси Дејвис, по што кумановци се одлепија и на крајот славеа со конечни 75-66.
Урош Луковиќ со 20 поени беше најефикасен во таборот на Куманово, 17 постигна Радукиќ, додека прв стрелец на Пелистер беше Малешевиќ со 22 поени.
Ривал на Куманово во утрешното полуфинале ќе биде тимот на ТФТ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА



























