Куманово славеше на домашен терен над Гостивар со убедливи 75-63, со што тимот на тренерот Александар Петровиќ останува со максимален ефект и по второто коло во домашното првенство. Дуелот што требаше да биде дерби неочекувано мина во целосна контрола на домашниот состав, избраниците на Петровиќ со колективна игра го надмудрија противникот, трасирајќи си го патот до триумфот.
Гостиварци добро парираа само во првата четвртина што ја загубија со 17-16, за во вториот период тимот на тренерот Србиновски да се соочи со проблеми во играта во напад, постигнувајќи само единаесет поени и на одмор заминувајќи со резултат 35-27. Треба да се истакне дека во овој период Американецот Фустингер (убедливо најдобар играч на Гостивар во првото коло) набрзина заработи три лични грешки, поради што одигра само десет од првите дваесет минути од натпреварот.
Гостивар до средината на третата четвртина успеваше да одржи неизвесност, гостите се приближија до 43-40, но следеше серија на домашниот тим предводена од Мекиќ и Пенов, за со тројката на Ковач разликата да стаане двоцифрена (52-42). Кумановци во последниот период имаа и најубедливи 17 поени разлика (65-48), по што рутински ја сочуваа предноста до самиот крај.
Адем Мекиќ одигра одличен натпревар со 26 поени и осум скокови, Ковач постигна 13 поени за победничкиот тим, додека кај Гостивар најефикасен беше Фустингер со 19 поени. Под своето ниво вечерва беше репрезентативецот Александар Костоски, кој на првиот меч како гостин во Куманово по заминувањето од овој клуб пред две години реализираше само четири поени (1/8 од поле).
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА