Кумановци активни: Зивчевиќ со нов договор, се враќа и Јанески

Куманово продолжува со активностите за формирање на ростерот за наредната сезона. Откако „сино-белите“ вчера станаа прв македонски клуб со ангажман на кошаркар од Кина, потпишувајќи со Кикаи Сун, кумановци денеска го осигураа и останувањето на најдобриот кошаркар од ланската сезона, Ненад Зивчевиќ.

Искусниот крилен играч лани беше лидер на Куманово и со 18 поени по натпревар беше убедливо најдобар стрелец во екипата, доволна причина за управата да му понуди продолжување на соработката. Зивчевиќ имаше уште една година од актуелниот договор, но по новите преговори денеска потпиша нов двогодишен договор со Куманово, со што поранешниот ас на МЗТ Скопје и Работнички би останал во овој клуб до јуни 2024 година.

Куманово дополнително го засили играчкиот кадар со потписот на Марјан Јанески, крилниот центар што до пред неколку години ги бранеше боите на кумановци, а сега се враќа назад во клубот. Јанески последните две години ги мина во дресот на Гостивар, но клубот од неговиот роден град не му понуди продолжување на соработката, по што од неколкуте понуди на маса ја избра онаа на Куманово.

Се вчитува...